Рецензија за Реконструкција од Викторие Ханишова.
Преземено од Инстаграм блогот Продолжи да читаш.
‘…Се родив кога имав девет години, десет месеци и седум дена…’
Една мајка брутално си го убива четиригодишниот син и потоа се самоубива. Така ги наоѓа деветгодишната Елишка. Нејзиниот живот одеднаш се претвара во кошмар. Со растреперени раце повикува брза помош и како во магла се сеќава дека ја тргнаа од станот и наеднаш се најде во куќата кај нејзината тетка Леонија.
‘…-Тето, каде е тато?
– Татко ти не те сака.
– Тето, тоа сигурно не е вистина, да му ѕвониме и да го прашаме…
– Нема каде да се ѕвони…’
Елишка не сфаќа зошто нејзината мајка извршила злосторство. Зошто го уби братчето? Зошто неа ја остави? Дали доколку не закаснеше од училиште и неа ќе ја снајдеше истата судбина? Таа не може да престане да размислува за тоа, а сите околу неа не сакаат да и’ дадат одговори. Можеби и тие самите не знаат зошто една мајка би го убила своето дете.. Како дете што одеднаш ги изгуби мајката и братчето, таа копнее по тоа што и’ остана од семејството..татко и’. Но од тој ден таа воопшто не го гледа и не знае каде е отиден.
‘…Имав се’ што сакав. Но ништо од тоа што го доживеав со тетка ми, не наликуваше на вистински живот…’
Се обидува да ги почитува правилата на тетка и’. Ги носе алиштата што таа и’ ги купува иако не ги сака, јаде се што ќе и’ приготви, оди на училиште и послушно ги извршува сите обврски. Како што врват годините таа не може да прекине да мисли на таа трагедија, на тој пеколен ден. Со кошмарите што ги има секој ден и со тајноста на цело семејство, по десет години таа одлучува да открие што ја поттикнало мајка и’ да направи такво нешто. Ги запишува сите имиња што смета дека би знаеле барем нешто од тој ден или пак ја познавале мајка и’.
Понекогаш треба да се помириме со минатото и да не бараме одговори. Можеби и нема што да откриеме, можеби тоа е едноставно како и што изгледа.
Одамна немам читано книга што психички ме измачи, а истовремено сакав да ја прочитам веднаш и да дознаам зошто една мајка би сакала да си го убие своето дете. За жал одговори не најдов, а и искрено каков одговор би имало? Многу добар психолошки трилер. Книгата ми стана една од омилените.