Рецензија за Тивки години од Алена Морнштајнова.
Преземено од Инстаграм блогот Продолжи да читаш.
Богдана е тивка девојка која што е затворена во себе и не сака да се социјализира. Живее со својот татко Сватоплук и маќеата Бјела. Таа нема добар однос со својот татко. Смета дека има направено некоја грешка и тој не ја сака. Тој е студен и воопшто не ѝ обрнува внимание на ќерка си. Затоа тука е Бјела која прави сѐ што може за да го оправда однесувањето на својот сопруг и ѝ го пружи целото свое внимание и љубов на Богдана.
Еден ден кога Сватоплук ќе ја однесе во болница да ја посети својата болна баба, (подоцна ќе сфати дека тогаш за последен пат ја гледа) таа ќе ја нарече ‘Бланка’. По испаничениот израз на нејзиниот татко ќе сфати дека не е само обично бунило на баба и’ туку дека има поголема тајна во нејзиното семејство за која таа не е свесна.
Од друга страна ја следиме животната приказна на Сватоплук. Неговото тешко детство и сурова судбина. Ќе сфатиме дека некогаш тој бил забавен и среќен човек, но животот му го одзел она кое најмногу го сакал и со тоа му ја одзел и вердината.
Можеби животот понекогаш е тежок и ќе не натера да паднеме на нашите колена, но треба да сфатиме дека има работи за кои вреди да се живее. Треба цврсто да застанеме на нашите нозе и да ја бараме среќата во малите нешта.
Премногу ми се допадна книгата. Се чита многу брзо, страниците летаат но има многу длабока и емотивна приказна. Ликовите оставија голема трага врз мене и сметам дека нема така лесно да ги заборавам. Заслужени и’ се сите награди на авторката за оваа книга. Ви благодарам @muza.publisher.mk што го преведовте ова ремек дело.
“Лично наменетата навреда што може да излета од уста, може тешко да го повреди другиот и никогаш потоа да не може да се повлече назад. По ударот ќе остане рана која можеби со текот на времето и ќе заздрави, но односот ќе остане со тој траен белег.”
“Тагата и жалот поради она што се случило и што може да се случи, може да го стисне човека и да не му даде да земе воздух.”