„Реконструкција“- патолошки обид да се потфрли во животот
Имајте предвид дека ова е конструктивен ( и доооолг) и праведен обид на читателот да се стави во улога на уредник, не на писател, и да ги разграничи попатните „доколку“.
Романот држи внимание и е вистински ролеркостер од претпоставки, неконвенционален трилер, иако Ханишова си ја завршила ДЕЛУМНО работата како професионален клинички и семеен психолог, сепак неколку работи по прочитот остануваат да висат во воздухот.Во „Реконструкција“ Викторие Ханишова ангажира повеќе теми: постпородилна депресија/психоза, искривените канали на сеќавањето, посттрауматско однесување, наследност- стекнатост и мајчинство. Таа го запознава читателот со Елишка, девојчето коесе раѓа во “својата деветта година”, на денот кога ги наоѓа мртви својата мајка и брат.
Семејството на Елишка се прикрепувало на мајката, таткото е отсликан со студени тонови и е далечна фигура, го сфаќа домот патријархално со менталитет на мачо шовинист, доволно е да заработи за да ја прехрани фамилијата, тој е ловец и неговата улога не е да го затоплува гнездото. Мајката жонглира со преостанатото, да го обојува поголемиот дел од унијата, да се справи со темпераментите во создавање на своите деца, да ги воспита, да го одржува домот и бракот, да не ги запостави пријателите и подалечните роднини. Дали депресијата и епизода на експлозивно пумпање на „трофејна сопруга“ или „општествено морална и прифатлива мајка“ довела до стравотниот, многуверојатно избежен шрапнел , кој од Елишка создава поцинкувана биста наместо весело дете?
Долги години лавот хибернира во пештерата, весниците кои пишувале на темата или се здиплени од заборавот или од огревот, Елишка го џвака сервираното без да го преиспита составот (првото црвено знаменце: неубедливо за згмечена детска суета, па згора на се и љубопитност) се додека еден ден од внатре не ја разјадат црвите на вистината. Крикот е посилен од комфорот на тишината. Истражувајќи, таа набрзо е голтната од матрицата на реконструкцијата и, ненадејно, станува центарот на сите тие иглички и ластичиња поврзани меѓусебе на таблата, а подоцна во алгоритмот на дата анализите. Нималку наивна, во неколку наврати нејзината инфантилност, која веројатно заостанала со растот како последица на траумата, доаѓа до израз и тука читателот е предизвикан: дали Елишка му се допаѓа или е антипатична.
Главната хероина е евтино архитектирана за поединка од нејзин ков: на моменти контролирачка, на моменти егоистична, ригидна, дури и користољубива, поминува низ веќе затворените врати за многумина поврзани со случајот дури и кога тие се наоѓаат во нивното најлошо издание, на смртна постела. Како за пример ќе ја земам тетка ѝ Марта која е вистинското срце на приказната.
Деца кои се соочиле со трауми, минуваат низ „карпал тунел“ агонија, притеснети се за двата избора: или ќе сраснат со новата средина со целото срце или ќе даваат отпор и ќе се удават во искривените модели на идентификација. Додека во психоанализата не постои ‘здраво за готово’ и еднакво е уважена теоремата за транспарентност-секој и секогаш може да стане или ѕвер или јагне. Не е исклучена можноста на трансгенерациско наследување, примање и праќање, фидбекот на колективното минато преку чии симетрали Ханишова стигнува до РЕЧИСИ совршен обид да профилира толстоевски тип на семејство, неухрането од монотонија и импулсивност.
Последните децении науката непобитно докажува дека генетиката се прамени информации поврзани екслузивно со физичкото (а дали е ова очаен обид на медиумскиот левијатан да ги оправда злата што човештвото ги креира наврапито?). Се останато е предодредено од опкружувањето и стравот. Така еден син не станува алкохоличар како својот татко затоа што носи гени кои диктираат алкохолна детерминанта, туку затоа што се користи со линијата на мал отпор, и го пресликува истото поведение за кое најверојатносмета дека е погрешно. Стравот да не станеме нешто што не сакаме, по обратна психологија на случувањата не носи токму до одбегнуваната одредницa. Овој исклучок во правило особено е карактеристичен за слабите карактери, инфериорни наспроти инстинктите. А под карпата на стравот често се крие и љубопитноста, впрочем, флоскула на ‘склоноста кон нешто’.
Првата половина на книгата е изрезбана со најфини детали. Неочекувано, експоненцијалната крива паѓа надолу со „оди-дојди“ исчезнувањата на Романа, „Колин Хувер“ кичот во љубовта на Давид-Елишка и потсвесното мементо кон мејнстримот „Верити“.
Од една страна, поради татковата неподобност старателството на Елишка е доделено на тетката Леонија која е индиферентна и туѓа на девојчето, и според прикажаното не ги исполнува докрај условите да стане старател на малолетник, додека од друга страна одземена ѝ е таквата можност на социјалната работничка Тереза бидејќи немала маж и била болежлива ?!?( во ред, отсликана е трулоста и незаинтересираноста на Социјалните служби кои често одлуките ги донесуваат без никакво позадинско истражување ).
Не е несвојствено за луѓе кои се избориле со траума да реагираат одбранбено преку цел спектар на механизми, а она што се случува со преостанатите преживеани членови на фамилијата Соучкови е користење на репресија од страна на Елишка, негативна канализација и дисторзија од страна на таткото. Овој дел, преминот од девојче кое сведочи за најгрозоморниот чин на погубување, буквално и преносно (сопствената душевност), со нејзиниот нов лик и идентитет на тинејџерка не е захефтан со полносилност, односно во транзицијата изостануваат детали. Иако претпоставувам тоа и била целта на авторката, да го натера читателот да нурне во „Исусово детство“, бунарот кој не прецизира одговори , сепак конзистентноста на содржината е загрозена од аспект наклучниот моментум, како Елишка се справила со доживеаното, со чија професионална помош, кои амблеми на карактерна депривација биле изолирани по трагичниот настан?
Заземајќи се за другото име на бременоста чиј синоним кај нас е и тоа како романтизиран – „блажена состојба“, Ханишова го прикажува ненашминканото лице на хормоналниот дисбаланс, на божјата улога мајките да бидат носителки на животистовремено и на грев, а со тоа носење доаѓаат и присилните мисли, анксиозноста и постпородилната психоза која неретко се разликува од депресијата Ханишова низ целото дејство се обидува да подметне морбидност и по малку натприроден осет, што е беспотребно и исилено, бидејќи книгата е доволно мрачна и потресна, самиот стожер го нуди електрицитетот на негативен полнеж. Друго што паѓа во очи се повторувачките интервали на јадрени релации ( Романа- мајка; Романа- Ханичка; Елишка- Катержина; Елишка- дете), идејата е мајчинството, тоа е јасно, но некако, одеднадеж се појавуваат премногу мајки и го разводнуваат дотогаш густото дејство. Се чини, дека на средина на книгата Ханишова се колебала како да ги доразвие сомнежите кај читателот, да ја задржи читливоста, па нафрлила уште еден слој на страв од општествениот развој и тука се изгубила од радарот и конкретното прашање: дали да се стане мајка е оправдано очекување или себичност? Заводливиот конец вденат во книгата не е поврзан со автодеструктивниот карактер на Елишка, туку со љубопитноста на читателот, прашалната епопеја на „зошто“, „како“ и „кој“.Комплициран е обидот да се прочисти книгата од клишеа, на кои дури и искусно перо на современ автор како Ханишова потклекнува, особено кога треба да се напише „фикција која пресликува нефикција“. Сепак сите тие недокажани нешта, смртта на социјалната работничка Тереза, сенилноста на сосетката, исклучување од реалноста, фантастично поклопување на фактите и картите во милионска Прага се бледи и недоразвиени мускули на фабулата, и мислам дека заслужувале ситно фризирање под уредничката ножица. Тука веќе дејството преминува во „премногу добро за да биде вистинито“ фаза и се судира со внимателно одгледуваната почва да се создаде сиже налик на романизирана биографија.
И секако крајот. Книгата не зависи експлицитно од завршетокот бидејќи секој може да го интерпретира по своја волја, но за олку силна динамика во дејство на потфрлување огнени топки недостига поинтензивен расплет, па не мора да биде ни расплет, туку едноставно , уште една мисловна контузија да го штрекне читателот, да му остави чивија за која ќе му треба долго додека да ја залечи, особено со помош на интернетпребарувачите и растајнување на темите обработени во книгата ( за почеток тука се случаите на комплексот Медеја; ефектот на пеперутка; искривување и фалсификување на спомени во соучество на меморијата). Крајот во книгата беше невешто изведена инхибиција имајќи го на ум залетот на старт, толку провокативна и современа тема, авторката го погубила суштественото во втората половина на ракописот. Чувството на недовршено го фрустрира читателот, бидејќи тој живее во книгата и се соживува со апсолутната вистина без лажните резолуции, односно производот на произволноста точно/неточно. И за жал, тука фрустрацијата надвладеа над епитетот „книга која ќе се памети“.
Стилот на Ханишова, концизен и звучен, напати банален, каков што впрочем и ваква книга побарува, без порабување на речениците со украси и книжевен шунд, веродостојно ја отсликува приказната од сите агли, само на привид, без скратена перспектива, а повторно читателот се чувствува ограбен, недостасуваат двете можеби клучни: на таткото и на Катержина. Тоа што некои карактери се млаки и изгледаат недоскицирани е позиција на гледање на нештата: позицијата на писателката и позицијата на читателот, кои не значи дека ќе бидат реципроцитетни. Овие недостатоци, во поглед на долепувањето на карактерите се можеби и најсилната порака која авторката сакала да ја испрати: дека никој, дури ни најблискиот, ниту близначката на Катержина ,ниту нејзината ќерка не може да ги добие одговорите без фактот. Мислите се тајни кои ги носиме во себе, кои се единственото наше поведение што не може да биде фалсификувано или украдено кога се во своето куќиште, како што е случајот со меморијата .
Секоја дисциплина и гранка, наука на човештвото ја имитира природата. Аналогно на тоа, да, доколку не постоеле тие микроскопски дупки во космосот немало да постои ниту живот, и претпоставувам дека ситните пукнатини го прават делото попривлечно за читателот, затоа што секој од нас трага по логичност во нелогичноста на другите, баш како и амбивлентната Елишка пропадната во флиперот на минатото. Зарем не?
Јована Матевска Атанасова
Конкурс за најдобра негативна критика
Ви благодариме!