Рецензијата е преземена од книжевните групи Моја библиотека и Книжевна терапија и ја објавуваме во целост без измени.
Рецензија
Сте го имале ли некогаш она чувство додека читате некоја книга, како да сте дел од неа, таму сте, присутни, и во зависност од дејството гестикулирате и ги менувате мимиките? Ја затварате книгата и пред себе ги гледате книжевните јунаци… Епа, такво влијание над мене имаат книгите на Игор. Не беше поразлично и со оваа…
Додека е ангажиран како преведувач на една меѓународна конференција, полиглотот, во украинската делегација ќе препознае некого, со кого на чуден начин се разделиле пред седумнаесет години.
И почнуваат паралелно неколку приказни. Приказна за периодот пред 17 години кога со помош на програма за размена на студенти заминува во Лавов, за периодот пред две недели кога на промоција на книга е интервјуиран од еден од присутните новинари, и секако, моменталните случувања во кабината во која преведува.
Сите овие приказни на крај добиваат сосема нов облик, разрешница или сосема поинаква вистина од онаа во која тој е убеден. И ништо не е случајно…
Уште едно одлично дело на Игор, уште едно максимално уживање во неговиот препознатлив стил на пишување. Повеќежанровски роман во кој, несомнено ќе препознаете и дел од нашето секојдневие. Мрачната страна на нашето општество, во кое длабоко е навлезена политиката, буквално во секоја сфера. Општество во кое владее клиентелистички систем во кој “сѐ има цена”, општество во кое компромис значи загрозување на правдата и правото на граѓаните на НАШАТА земја. Нашата земја во која, меѓудругото, сме сведоци на еродирањете на нашиот национален идентитет.
(Боже брани ме од обвинувања за национализам )
Воодушевена, по четврти пат!
***
(рецензијата не е нарачана)
Благодарност за оваа прекрасна рецензија од тимот на Издавачка куќа Муза