Преземено без измени од блогот Продолжи да читаш
Една студена декемвриска вечер еден судија прегазува жена и ја усмртува на самото место. Нејзиниот маж кога дознава не може да ја поднесе таа болка и се опијанува. Кога ќе се разбуди другиот ден веќе се’ е средено и судијата не е ни во притвор. Платени се ‘сведоци’ да кажат дека жената не била на пешачки, дека тој не бил пијан над дозволеното и така ја избегнува казната. Тоа и се очекува, нели? Тој е почесен судија и едноставно не може да биде крив иако уби човек.
“Таква е човековата свест, во исто време во главата се ројат безброј мисли- некои умесни, повеќето неумесни.”
Сопругот на жртвата останува сам. Гневен е бидејќи тој човек му го одзеде најдрагото. И во тоа страдање, во неговата глава се јавува една помисла. Мора да го убие за да си ја плати казната. Доколку системот не сака да работи праведно, тој ќе ги земе работите во свои раце.
Па така тој смислува детален план како најлесно да го убие. Го следи и му ја дознава рутината. Тука се јавува едно прашање: Дали треба да го убие? Ова прашање ќе изнуди различни одговори кај читателите.
Одличен почеток на приказната. Уште од самиот старт знаев дека книгата ќе биде одлична. Не можев да ја оставам додека не дознаам како ќе заврши. Предобар психолошки трилер. Се гледа дека авторот многу добро ја има смислено приказната и вешто ја има пренесено на хартија.
Влегуваме во главата на еден човек кој изгуби драга личност и гледаме како се справува со тоа. Прикажано ни е секое делче од неговиот мозок. Со тоа постепено го запозмаваме него, а и со паралелното раскажување за животот на младиот пар пред трагедијата, ја дознаваме и нивната љубовна приказна. Многу ми се допадна тоа што има преубави описи од Украина и градот Ужгород. Ме принуди на сред читање да застанувам и да ги пребарувам на Google. Уживав во секоја реченица. На тоа придонесе и прекрасниот превод, без ниедна грешка и добро избрани зборови. Крајот многу ме изненади. Последните 50тина страници ги читав со напнатост и исчекување. Во главата си правев 200 сценарија како ќе заврши. Едноставно ПРЕДОБАР психолошки трилер.