Рецензија на Александар Николовски за романот Маж за придружба.
Преземено без измени од ФБ-групата Размена на книги и книжевни муабети.
Прва книга прочитана од издавачката куќа МУЗА и без разлика на тоа што книгата ми беше онака, сакам да дадам огромна пофалба за квалитетниот превод и лектура кои во секоја смисла беа на ниво. Печатни грешки скоро и да немаше. Е сега, книгата е океј читлива психолошка драма и дефинитивно поинаква од она што сме навикнати и секој различно ќе ја доживее. Мене ми беше добар одмор од трилерите. По она 18+ на корицата очекував многу поголема експлицитност во еротските сцени и нешто слично како нијансите на сиво, но немаше ништо такво бидејќи феноменалниот избор на зборовите на преведувачот Игор Станојоски од оригинален чешки јазик, целосно ја имаше прикриено евентуалната вулгарност која можеби и била цел на авторот во оригинал. Така да, за разлика од коментарите кои ги прочитав пред да ја читам, кај мене немаше никакво повраќање, дури ни нагон за тоа или ете не знам, може имам јак желудник за вакви работи. Приказната се врти околу осамениот и несекојдневен живот на Михал Кирхнер кој се родил како мимикрија на неговите хомосексуални родители. Неговото раѓање имало за цел да ги прикрие склоностите на неговиот татко хомосексуалец и мајка лезбејка од службите на комунистичкиот режим. Уште од најраното детство Михал бил сведок на оргиите што во домот ги организираат неговите родители. Подоцна Михал созрева во млад маж, кој презира практично сѐ што го опкружува: луѓето, работата, Братислава. Потрагата по лесна работа со голема заработка ја завршува со успех на тој начин што започнува кариера како маж за придружба, “кариера” која ќе му ги покаже и згодите и незгодите кои сама по себе ги носи таквата работа. Малку ми недостигаше динамика, но добро, во глобала не е ни катастрофа. А она што се случува на крајот не сум сигурен дека е 100% возможно, но ете ќе ви оставам на Вас да процените ако книгава ви падне во раце.