Осврт на Марина Серафимоска. Преземено без измени од ФБ групата Моја библиотека…
Книгава ми ја откри причината поради која толку многу го сакам пишувањето. Полиглот – четвртиот роман на еден од најуспешните автори во македонската книжевност, Игор Станојоски, воедно веќе докажан на својата верна публика, каде што спаѓам и јас, претставува современо македонско литературно дело кое е храбро, препознатливо, провокативно, очудувачко и, се разбира, квалитетно четиво што со право ќе го класифицирам како најдобро од сите негови досегашни романи.
Како што на човекот што многу сака да чита не му се доволни ни сите книги на светот, или како што на човекот што многу сака да пишува никогаш не му е доволен само еден роман, така и човекот полиглот не запира на седум јазици, иако тоа е оптималната граница перфектно да се знаат одреден број на јазици, покрај мајчиниот.
Главниот лик и во овој роман е препознатливо автобиографски оформен, дејствието се одвива напоредно во Украина и во Македонија, Лавов и Скопје, исто така карактеристичен драж на сите негови претходни романи, а мотивот или идејата која ја искористил, според мене е најсилниот личен печат кој сум го осетила кај некој автор во некое негово дело, и можам слободно да речам, а верувам дека тие што ја прочитале Полиглот ќе се сложат со мене, дека со тоа авторот го зацементира своето место во македонската книжевна историја.
Само на кратко ќе напишам нешто за самата содржина на романот. Во светот постојат над 6000 јазици. Некои се активно употребувани, некои не се толку напредни или популарни, и сите ние сакаме да изучиме понекој од мноштвото. Но, не секој може да биде полиглот, или во опис човек со природна дарба лесно да учи нови и нови јазици, иако сега има многу отворени можности за тоа, приватни часови, онлајн курсеви, книги од типот научи сам, интернет програми и слично. Е сега замислете да наидете на еден ваков начин или можност: Да го преземете јазикот од некого за два три дена, или буквално да научите некој јазик преку ноќ? Има еден клучен збор во моето прашање што ако се навратите да го прочитате уште еднаш, мислам дека ќе ви дојде одговорот многу брзо… Романот е составен од повеќе совршено испреплетени приказни со доза на мистичност, онаа старовремската со самовили и врачари, и таков расплет каков што не можете да си замислите…
п.с. Ако во претходните книги на авторов, единствена замерка ми беше тоа што ме оставаше жедна за малку повеќе страст меѓу паровите во приказните, овој пат жаргонски ќе се изразам “се засркнав“ бидејќи дополнително хуморот како зачин даде сосем нов вкус на водата што ја пиев. Хахаха… Ќе видите сами за што зборувам кога ќе ја читате.
п.с.с. Причината? – Хм, причината е што писател дури ни пијан не би го кажал усно, она што, трезен би го напишал писмено.