БЕСПЛАТНА ДОСТАВА НИЗ ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА
БЕЗ ОГЛЕД НА ИЗНОСОТ НА СМЕТКАТА

Хана – Алена Морнштајнова

„На луѓето што ги сакам и кои ме сакаат им носам само несреќа. Тоа го знам одамна“

Романот Хана нѐ води во педесеттите години на минатиот век во малото чешко гратче Мезиричи. Мира е девојче кое ужива во средениот живот со своето семејство, а младоста ја мами кон безгрижност, палавштини и – непослушност.

Токму поради една таква случка во која Мира не им се покорува на забраните од родителите, добива невообичаена казна – не ѝ е дозволено да јаде од принцес крофните за триесеттиот роденден на мајка си. Од овде почнува да се ниже несреќната нишка од настани што ќе го обележат семејството, а судбината на Мира нераскинливо ќе се сврзе со Хана. Хана е таинствена, нестабилна, скршена жена, која е секогаш облечена во црно, најчесто во црн џемпер со џебови, во кои од непознати причини има парчиња леб, од кои одвреме-навреме крши и си поткаснува. „Да јадеше како што треба, немаше да биде толку слаба. Само каснува од тој лебот што го носи по џебовите. Зошто не си земе нешто нормално? Или возрасните можат да ронат секаде каде што одат, а децата не?“

„Бевме чудна двојка. Уморна жена во црн истрган џемпер, долго здолниште, чизми со врвки и шамија спуштена до половина чело, која низ градот водеше расплакано бушаво деветгодишно девојче, облечено само во домашен фустан со копчиња и домашни папучи на нозете.“

Со прецизни скокови во минатото се запознаваме со една друга Хана, сосема несврзлива со сегашната, убава, млада и полетна девојка полна со живот. Девојка која животот ќе ја претвори во старица.

Со оглед на тоа што приказната започнува во триесеттите, а завршува во шеесеттите, на сите ни е јасно низ што поминале луѓето во времето на Втората светска војна. Со тие детали не нѐ оптоварува ни самата авторка, добро знае дека сме презаситени од стотиците прочитани книги на таа тема. Морнштајнова повеќе ја нагласува таа невиност на народот, кој одбива да поверува во бесмислените и неверодостојни гласини, кои една по една ќе стануваат вистина од која нема време да се побегне. Иако сме навикнати на херојските приказни за преживеаните, кои од искуството станале посилни и поцврсти, Хана од логорот излегува како сенка на она што била.

„Да, госпоѓа Ханичка бев некогаш порано. Но потоа се претворив во жолта ѕвезда, транспортен број 79, па привремена жителка на Терезин и најпосле шестоцифрен број во Аушвиц.“

Сите луѓе понекогаш правиме погрешни чекори и проценки во животот. Особено кога сме млади. Ова право на Хана ѝ е одземено. Секоја нејзина грешка се наплаќа скапо, а вината се акумулира и се наплаќа со камата. Се чини дека токму тоа е она што целата оваа приказна ја прави моќна, интимна и сосема единствена.

„Терезин беше казна за мојата глупост.“

Изданието е на Издавачка куќа Муза 2021.

Продолжи со читање

НОВОСТИ

ИМА КНИГИ ШТО СЕ ПАМЕТАТ ЦЕЛ ЖИВОТ

Осврт на Јасмина Бочевска, преземен без измени од ФБ групата Моја библиотека… Мезиржичи, лето 1945 година,,Госпоѓице Ханичка… “Да, госпоѓица Ханичка бев некогаш порано. Но, потоа