БЕСПЛАТНА ДОСТАВА НИЗ ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА
БЕЗ ОГЛЕД НА ИЗНОСОТ НА СМЕТКАТА

5 ЗНАЦИ ШТО УКАЖУВААТ ДЕКА ЧИТАТЕ ЛОША КНИГА

Има ли нешто полошо за еден книгољуб од лоша книга? Ајде да го замислиме книгољубот во за него идеалниот свет, каде што нема ни сметки за струја, ни дедлајни, ни ограничен простор на полиците, ни други стотици работи што не му дозволуваат во целост да си ја опушти душата. Лошата книга е нешто што навистина потиштува и нервира.

                Секоја нова книга претставува нов свет, во кој нурнуваме со отворена душа и искрено срце, сметајќи дека вреди доволно за нашите напори, време и – да не се лажеме – потрошени пари. И навистина е очајно кога нашите надежи и очекувања не се оправдуваат, а книгата се претвора во обично разочарување.

                Некои читатели во овој случај едноставно се откажуваат и земаат нова книга, но некои тврдоглаво се измачуваат докрај со започнатата книга, сметајќи дека проблемот не е во книгата, туку во нив, во читателот. Си велат дека можеби нешто не разбрале или не се дораснати за тој текст. Сепак, овде прво треба да се запрашаме дали проблемот навистина е во нас? Можеби едноставно читаме лоша книга?

          Еве пет знаци што укажуваат дека најверојатно е последново.

Сте прочитале сто страници, а уште не сте се соживеале

                Ова не мора буквално да се сфати дека задолжително мора да биде страницата број сто, станува збор поскоро за психолошка граница, а најчесто зборуваме за приближно една третина од книгата (ако земеме дека средна големина на уметничките книги е 300-350 страници).

                Ако по оваа замислена граница сѐ уште чувствувате дека вие буквално се принудувате да го читате текстот без да црпите какво било задоволство, тоа значи дека дошло време да се запрашате дали вреди да продолжите да се мачите.

  Не чувствувате никакви врски или симпатии спрема ликовите

                Книгите стануваат вредни за сеќавање и вистински убави токму благодарение на ликовите. Не е важно дали станува збор за протагонист или антагонист, ликот на убавата книга мора да влијае врз читателот: да му предизвикува желба да биде како него, да предизвикува воодушевување, симпатија, омраза, почит, да го нервира, да го разбеснува читателот – со еден збор, што и да е, само да не го остава рамнодушен.

                Ако не ве возбудува и ако не треперите од начинот на кој се развива судбината на ликовите, не им верувате, не верувате во нивното делување и сеедно ви е што ќе му се случи на главниот јунак во наредното поглавје, тогаш, очигледно, нешто не е во ред со таа книга…

  Не ве влече сижето

                Накратко речено, сижето дава одговор на прашањето како и зошто ликовите се поврзани меѓу себе и со светот во кој авторот ги сместил. Многу е важно однесувањето, мотивите и делувањето на јунаците да бидат веродостојни и логични. Дејството А треба да доведе до закономерна последица Б. Сумата од дејствата А, Б, В и Г придонесуваат да се постигне целта Д. Ако сте се уловиле на мисла дека она што е напишано во книгата е нелогично, неправилно, премногу неверодостојно и со сила поврзувано (овде не станува збор за фантастичноста на сижето), тоа значи дека авторот не го положил испитот.

  Не ви се допаѓа јазикот на авторот

                Оваа точка можеби е малку субјективна, но сепак потребно е да се обрне внимание на тоа. Зад секоја книга стои личноста на авторот и ние го слушаме неговиот глас. Понекогаш тој звучи доста специфично, на начин што навистина не може секому да му се допадне. На пример, авторскиот стил на Жозе Сарамаго не предизвикува воодушевување кај сите читатели. Сепак, сама по себе оваа точка не претставува сигурен доказ дека книгата е лоша.

                Но, сепак. Ако говорот на авторот не ви се допаѓа, ако зборовите ви се чинат „испрекршени“ и неумесни, а употребените споредби и метафори ви предизвикуваат чудење и незадоволство, запрашајте се дали навистина сакате да се дружите со тој автор и со неговите постапки. Можеби треба своето време да ѝ го посветите на книга во која навистина ќе уживате.

   Не можете да дочекате да ја завршите книгата

                Вистински доброто читателско искуство се состои во тоа читателот во целост да се стопи во приказната, да нурне во неа и со ужас да гледа како се намалува бројот на страниците. Треба да сака колку што е можно подолго да престојува со омилените ликови, да ги придружува во сите перипетии на сижето, заедно со нив да ги одгатнува тајните, да ги постигнува целите и да ги надминува тешкотиите. Замислете, не ве нервираат стилистичките потези на авторот, нелогичните постапки на јунаците или бесмислените пресврти во сижето. Небаре само што сте почнале да читате, а веќе е три часот наутро, чајот ви остинал, а мачето ви е среќно што стигнало да се наспие врз вашата облека. Од друга страна, ако и по повеќе од сто прочитани страници со гримаса на здодевност пребројувате уште колку треба да совладате за да ја дочитате книгата, тогаш…

Имате впечаток дека вие би напишале подобро

                Ова е уште една субјективна точка, бидејќи не можеш да знаеш додека не пробаш, ама сепак, тешко дека некому може да му се појави оваа мисла кога ќе го прочита „Магбет“ или „Господар на прстените“.

                Општо земено, едноставно паметете дека најдобра книга е онаа што ве исполнува, ве инспирира и ве прави подобри. Не е важно што зборуваат другите за неа, важно е како таа ќе му легне на вашето читателско срце. И не заборавајте дека во светот има премногу добри книги, така што не вреди да си го губите времето на оние што не ви се допаѓаат.

Продолжи со читање

НОВОСТИ

Black Friday со новите изданија на Муза

Ви ја најавуваме нашата огромна акција „BFF со Муза“. Наредниот викенд можете да ги добиете сите наши изданија по енормно намалени цени. Книгите се по