Во Атанара луѓето секогаш ги почитувале наредбите на кралот. Но има и такви кои не сакаат да се потчинуваат. Односно, луѓе кои се заслепени од злобата и би направиле сѐ за да стигнат до тронот. Еден од нив е Шол’лоз. Неговата цел е да ги порази викинзите и токму тоа и го направи. Го уби кралот и го зароби неговиот син, Дејмон. Ејпокс го разбира освојувањето на тронот, но никако не може да сфати зошто татко му го остави жив синот на непријателот. Тој не се согласува со некои постапки на Шол’лоз, па затоа се обидува да ги разоткрие сите тајни кои се чини биле чувани многу долго време.
А со бегството на Дејмон од кулата се отвораат многу тајни врати низ целата Атанара. Што се крие во кралството толку долго време? Дали злобата ќе преовладува во луѓето и ќе го претворат местото во пекол или пак добрината и надежта се единствените алатки со кои малцинството ќе се бори за подобра иднина?
Ахх, ја обожавам приказната. Овој жанр многу ни фали на нашата книжевна сцена и многу сум среќна што доаѓа токму од македонски автор. Прикажано ни е едно замислено место, Атанара, и еден сосема поинаков живот од оној кој го знаеме. Во време кога магиите се забранети, кога убиваат доколку имаш некаква моќ, пет ликови се кријат цел свој живот. Но одеднаш треба да се соочат со нивните таленти и истовремено да откријат еден сосема поинаков свет, волшебен. Не сакам многу да откривам за содржината бидејќи оваа е една од книгите кои ги отвораш и уживаш во приказната без да знаеш за што се работи. Стилот е прекрасен и многу заразен. Ми беше жал што нема повеќе страници. Се поврзав со ликовите и нивните животни приказни, би можела да читам за нив до крајот на животот и да не ми се здосади. Многу ми се допадна идејата на авторката. Слободно можам да кажам дека е една од најдобрите книги што ги прочотав оваа година.
Има и една добра вест, Мраз во пламенот е првата книга од трилогијата Наследници. Наскоро ќе излезе и вториот дел. Со нетрпение очекувам да уживам во продолжението. ❤
Продолжи да читаш - блог за книги