Објавен е дигиталниот прирачник „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“, посветен на улогата и придонесот на жените во создавањето, изведувањето и развојот на класичната музика.
Прирачникот содржи над шеесет одредници на композиторки, изведувачки, диригентки и други значајни личности кои оставиле трага во музичката уметност. Материјалот е организиран хронолошки, со цел читателите јасно и прегледно да го следат присуството на жените во музиката низ различни историски периоди.
Изданието произлезе од желбата класичната музика да се согледа пошироко, не само преку најпознатите имиња и наслови од историјата на музиката, туку и преку оние што со векови учествувале во нејзиното создавање, изведување и обликување, а често останувале недоволно видливи.
Покрај биографските и историските податоци, прирачникот ги зема предвид и општествените околности што влијаеле врз пристапот на жените до музичко образование, професионална практика и јавна видливост. На тој начин, тој ја поврзува музичката историја со современите прашања за застапеноста, репертоарот и начинот на кој денес ја слушаме и изведуваме музиката.
Прирачникот е наменет за ученици, студенти, наставници, музичари, истражувачи, културни работници и пошироката публика. Тој може да послужи како поддршка во процесот на учење, како ориентациски водич низ слушањето, но и како поттик за откривање помалку познати имиња, дела и интерпретации.
Дигиталното издание е достапно за бесплатно преземање на следниот линк:
https://muza.mk/wp-content/uploads/2026/05/Zenite-vo-muzikata_Final-1-1.pdf
„Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
„Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хратефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година. “

