Опис
Марјан Милчак (1960) е еден од најпознатите современи словачки поети. Работел на универзитетите во Кошице, Варшава, Катовице и Љубљана. Неговите песни се преведени на повеќе од десет јазици. Стихозбирката Тесеракт (2018) се раѓа од прашањата поврзани со смислата. Размислувањата за смислата (не само на човечката егзистенција, туку и на сѐ што постои), покрај филозофскиот и уметничкиот аспект, има и своја научна и спиритуална димензија.
прескокни ја млаката, јакуб, уште во неа се капе истото она невино сонце на детството. додека другите стареат, избегни го нуркачот, дополу проголтан од сирена. коцките се фрлени во други коцки. победи го сонот, па, и покрај болката, цртај го она што не го гледаме: нацртај тесеракт. можеби веќе знаеш, ти си само медиум, посредник. како и да постапиш, нема да ја доловиш целината. светот го гледаме низ стакло и уреди, и си светиме, истражувачи сме на ништото и темнината. од откршоци сме, само копнеж, која ја надградува тревогата. овде, многу близу се и границите на мојот јазик, на неискажливото. еден ден, подигнати над телото, ќе видиме како пред нас светнува платно. дотогаш со татко ти пишуваме кратки редови, нуркаме и секој лелек го претвораме во пој.