Опис
Мајка го убива својот четиригодишен син и се самоубива, без да остави проштално писмо ниту какво било објаснување на трагичниот настан. По смртта на братчето и мајката, Елишка расне со десетгодишна празнина наместо детство. Нејзиниот живот се распаѓа на два дела: едниот го живее деветгодишното девојче во нормалното четиричлено семејство, а другиот го живее студентката Елишка, која одлучува да го расветли кобниот настан. Зошто мајка ѝ го направила тоа? Зошто ја поштедила Елишка? Зарем мајката може да го убие сопственото дете? Какви причини треба да постојат за тоа? Тоа се само дел од прашањата што читателот се обидува да ги одговори заедно со Елишка во текот на овој несекојдневен и зашеметувачки роман.
Викторие Ханишова (1980) дипломирала англистика и германистика на Карловиот универзитет во Прага. Како писателка дебитира во 2015 година со успешниот роман Анешка, и оттогаш е едно од најголемите откритија во чешката книжевност. Во 2018 година го напиша романот Печуркарката, преведен и издаден во Македонија во 2019 година во издание на Муза. Романот Реконструкција ја заокружува слободната трилогија од романи на тема психологија на односите во нефункционално семејствo.