Рецензија на Марина Серафимоска за Твојот поглед, Чо-Чо-Сан од Андриј Љубка.
Преземено без измени од ФБ-групата Моја библиотека…
Овој прилично богат психолошки трилер дава одговор на прашањето дали доброто и злото се еднозначен поим како црно и бело или човек треба да биде запознаен со сите нијанси за да донесе арбитражен суд.Почетокот на дејствието, младиот талентиран украински писател Андриј Љубка, го сместил во својот роден град Ужгород, на еден пешачки премин каде пијан судија смртно прегазува млада жена, и очекувано, поминува без казна и последици. Марк, сопругот на прегазената Ралука, го држи во рака остриот меч на правдата, и решен е, по секоја цена да ја одмазди смртта на саканата. Неговиот лик е толку добро претставен што час му верувате, час мислите дека овој чуден, нетипичен, егоистичен интелектуалец крие нешто од вас.Врската на Марк и Ралука е убава љубовна приказна, исполнета со емотивни моменти, страстни сцени и вклопување какво што може само маж да замисли. Заедно се развиваат под насоките на женската мудрост, малку помешана со манипулација и машката двосмисленост која мажот ја открива тогаш кога принуден е да се погледне себеси. Потоа спонтано склучуваат брак, но медот во брачниот живот се покажува горчлив, затоа што во љубовта кога ќе се појави егоистичното “јас“ – тогаш почнува и крајот, го знаевте ова, нели?Приказната тече брзо и напоредно, за животот сега и порано, а Марк расте во сопствените очи кога сфаќа дека благодарение на својот разум може да ги надитри и судијата и корумпираниот правен систем во Украина и со тоа да удри шлаканица на Украинската власт.Фразата полна софизам која го храни неговото его гласи:“Ако имаш непријател – убиј го,ако не можеш да го убиеш – прости му,ако не можеш да му простиш – заборави го,ако не можеш да го заборавиш – убиј го.“Дали Марк ќе го убие судијата или ќе ја убие неговата сопруга за да се одмазди за својата? Дали ќе убие од што премногу ја сака Ралука или од лична егоистичка потреба за дуел со моќен противник каков што е ликот на судијата? Дали воопшто некој некого ќе убие? Секако дека нема да ви кажам.