
Одржана работилница и панел-дискусија „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“
На 6 јуни, во Европската куќа во Струмица, се одржа настанот „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“, посветен на улогата, придонесот и видливоста на жените во музичката култура.
Настанот беше реализиран во рамките на истоимениот проект, чија цел е да поттикне јавна дебата за историската маргинализација на жените во музиката, но и за нивното современо присуство во уметноста, образованието и културниот живот.
На настанот учествуваа диригентката Ангела Рајчиноска, оперската пејачка и музиколог Даница Станојоска, фолклористката и книжевница Сузана Мицева и поетесата Катерина Панов-Кожаров, а разговорот го модерираше Ана Витанова-Рингачева.

Преку работилница, презентација и отворена дискусија беа обработени теми поврзани со застапеноста на жените во музичката историја, нивната позиција на современата музичка сцена, улогата на образованието, како и присуството на женските гласови во јавниот културен простор.

Како дел од проектните активности беше подготвен и дигиталниот прирачник наменет за ученици, студенти, наставници, млади уметници и пошироката јавност. Прирачникот има за цел да поттикне критичко размислување за музичкото наследство, родовите стереотипи и потребата од поголема видливост на жените во културата и уметноста.

Проектот ќе продолжи со два концерти што ќе се одржат на 29 јуни во Штип и на 30 јуни во Скопје.

Настанот „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хартефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

