БЕСПЛАТНА ДОСТАВА НИЗ ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА
БЕЗ ОГЛЕД НА ИЗНОСОТ НА СМЕТКАТА

Со два концерта во Штип и Скопје промовирана видливоста на жените во музиката

Во рамките на проектот „Жените во музичката уметност низ вековите – од невидливост до глас: истражување, дијалог и интерпретација“, на 29 јуни во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип и на 30 јуни во Музејот на македонската борба во Скопје беа одржани два концерта посветени на уметничката видливост и професионалната афирмација на жените во музиката.

Пред публиката настапија сопраните Магдалена Алексовска и Тина Ристеска, мецосопранот Даница Станојоска, контрабасистката Ивона Давидовска, пијанистката Наташа Калајџиева-Здравева и пијанистот и корепетитор Милан Јанкулоски. Водителка на концертите беше Надица Стојкоска.

Концертната програма опфати дела од различни музички епохи и жанрови – оперски арии, солистички композиции за контрабас и избор од современи мјузикли. Публиката имаше можност да слушне дела од Глук, Гуно, Бизе, Пучини, Рахмањинов, Ботезини, Обрадорс, Лин-Мануел Миранда и Џејсон Хауленд.

Со концертите беше создаден простор за професионален настап и промоција на млади и независни музичарки, меѓу кои и уметници без постојан институционален ангажман. Воедно, преку учеството на контрабасистка беше нагласена и потребата од поголема видливост на жените во инструменталните области во кои тие сè уште се поретко застапени.

Концертите во Штип и Скопје беа дел од пошироката проектна програма, која ги поврза истражувањето, образованието, јавниот дијалог и музичката интерпретација. Целта беше темата за жените во музичката уметност да не остане само предмет на историско истражување, туку да се претвори во конкретна поддршка, јавна видливост и нови професионални можности.

Благодарни сме ѝ на публиката што со своето присуство и интерес ја поддржа оваа иницијатива, како и на сите уметници, соработници и институции што придонесоа за успешната реализација на концертите.

Настанот „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хартефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

Продолжи со читање

НОВОСТИ

Одржана работилница и панел-дискусија „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас – предизвици и перспективи“

Одржана работилница и панел-дискусија „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“ На 6 јуни, во Европската куќа во Струмица, се одржа настанот

Објавен е дигиталниот прирачник „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“

Објавен е дигиталниот прирачник „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“, посветен на улогата и придонесот на жените во создавањето, изведувањето и